студи (несв.)

За да не им студи на децата, одделни родители растовараа по некое магарешко товарче дрва годишно, меѓу кои прва беше Доста Рожденката.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Подбрадена со една црна шамија, едно палтенце подебелко да не ѝ студи, место опинци обула чевли, со танки чорапи — небарем на бања ќе оди.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
- Мене не ми студи, - одговара Сашо. Митко се чуди што да прави.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
- Мене не ми студи. Ако ти студи - стави! - се инати Сашо.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
- Ах, да. Заборавив дека ми студи, - се збуни Ване. - Ќе се покријам...
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Да не им студи на житата, на тревите, на семињата.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Ноќта му студеше. Неколкупати стануваше да го спотне огнот и да се грее.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Другпат сонува: фатиле големи студови; дрво и камен пука; да плукнеш, плунката ќе ти остане замрната на устата; силен ветер крева бранови од езерото и ја опсипува куќата, но брановите како што удираат на куќата, така се замрзнуваат; куќата се обложува од сите страни со мраз што свети како стакло и таа заличува како куќа од сказните; но кога почнува да ѝ студи во одајата, таа стрчнува да оди во тремот да земе дрва, но вратата е прекриена со мраз; кај има излез, кај има излез, господе, си вели и се тресе од студ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Беше врнежлив есенски октомвриски ден. Студеше.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
- Ми студи, мамо, ми вели устата мамина, многу ми студи, ми вели. Одам до неа, ја пофаќам по обравчињата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Како, мори, ви студи, велам, на оваа горештина да ви студи! Децата ништо не ми велат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Ни студи, мамо, вели Капинка и ѝ играат јаболкцата. Сета снага ѝ игра.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Беше есенска вечер, студеше, а јас зачитан седев крај огништето и со песните за Крали Марко ја шетав Стамболската чаршија, влегував во ладни меани, делев јуначки мегдани...
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Мајките не се плашат од снег, од ништо не се плашат мајките кога им студи на децата.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Студи, а мене капки пот да ми се тркалаат по слабините.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Навлезена е длабока есен и дува, студи, по коски те удира.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сме пропаднале до појас во 'ржите, росата ни ги студенка колената.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сакав да викам на помош, ама грлото од страв ми беше стегнато, а сето тело ми трепереше како да ми студи, иако температурата во Египет тој ден беше околу четириесет степени.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Надвор расцутените дрвја прекрасно мирисаа, имаше многу бубачки во травата, и беше топло, а мене необично многу ми студеше. Сиот треперев.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Ќе црпите со лопатите за да не се накиснете оти сега е зима и студи, ќе настинете.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Повеќе