навре (св.)

Готови, везени, ткаени, плетени, кистени, од живи од умрени, лели Боца си има да си навре, шо ѝ е гајле? — велеше Тушевата невеста, покажувајќи со прст ,на Бојана.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Оди ти, Доцо, дупи си прстите цело зимо, а Бојанка ќе ѝ навре утре готова алова кошулка и ќе си и облече дечињата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На едно јако дрво, префрлено од едната греда на другата е наврена алка од дебел синџир, со две куки на долниот крај за кои се обесуваат котлите за топлење вода. Тој синџир е „верушките“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Трајко побледе. Крвта му навре во мозокот.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Тоа утро Никола стана рано... Си ги обу сините потури7), ги навре чевлите, го облече црвениот со срма опточен елек и ѝ викна на Султана: - Султано!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
„Море смрдење, мајката бреј! Бетер од Турчишчата!“ — си помисли Толе кога си ги бришеше солзите од очите, кои беа му навреле при повраќањето.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Самата таа не можеше да си објасни зошто и навреа тие солзи на очите. Се заврте пак.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Солзи му навреа во очите и почна да го бакнува.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И којзане до кога веселбата ќе траеше, ако на Бандо не му удри лакомијата во пиење: ја фрли чашата и зеде со котле да пие вино; кога го испи котлето, го стави на главата и почна да игра со него: го тресеше на главата, скокаше, сѐ додека некој на шега не го удри со рака котлето; тоа направи: пуф! втона и се навре на главата од Бандо; притрчаа луѓето да му го извадат, да му го истргаат, но беше попусто: тоа беше така заглавено, што ништо не го вадеше; при секој обид да се извади, Бандо офкаше зашто носот и ушите му запињаа и не даваа да излезе котлето; се обидуваа да го скршат, да го расечат котлето, но сѐ беше залудно, зашто при секој удар, Бандо офкаше. Боже, што стана ова, се чудеа луѓето.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
И подрипнуваа заедно со биковите. На победникот ќе му навреа венец од шамак на роговите. Зелен гушник ќе му обесеа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
-Знаете ли дека за вакви работи, вели Мисајле Ковачот, за вакви работи во Англија беселе луѓе. Ќе ти ја наврат главата на ортома, вели, дури да речеш А .
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И што не ќе се чуди: фустанот како да не стои на мене, како да е наврен на прачка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И го наврев фустанот на мене. ,Во сушно време и градот аредисва", велеше дедо.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Твојата мантија ќе ја навре преку глава оној што ќе нѐ слуша.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги побарав опинците, ги најдов, некако ги наврев на нозе. Осаменоста веќе ми беше тешка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Побрзав да кажам дека од таа девојка, нејзина ќерка или комшика, побарав вода, жеден сум, ги наврев опинците да побарам бунар или чешма.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но гледајќи ја војската која ги имаше запоседнато положаите над селото, гледајќи ги војниците кои се врмзлаа низ селото, коморите со јадење и оружје што врвеа низ селото, нивните повремени вежби, одново му затреперија оние со мака залечени нерви, одново му навреа сликите од фронтот, одново го заплусна бранот на сеќавањето: зафати да го витла, да го бреца, да го крши, исполнувајќи го со ужас и зафрлувајќи го да паѓа, да се тркала, да вика.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Силна жал му навре во срцето.
„Прва љубов“ од Јован Стрезовски (1992)
Над чардакот обесен бајрак накитен со шамии и цвеќиња, а на врвот наврено јаболко.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Повеќе