рамен (прид.)

Абдурахман,куршум чиј наместо секогаш паѓал, најди му рамен во светот: без некаква мака со сигурност безгрижно гаѓал малечки птички во летот.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Па ударал нож си остриј в земља иле' на даски, па извиквал с глас си страшен: „Брго ти, ѓаурко, наточи ми вино ројно и љутица врела, чаши стродрамници, ја да пијам, да се'опијам, с тебе ја да легнам, да прегрнам рамна става, очи да целувам, не две ношти, не три ношти, твои црни вежди...“ ***
„Крвава кошула“ од Рајко Жинзифов (1870)
Така, односите на нашиот народ кон Турците и муслиманите воопшто повеќе зависеше од последниве отколку од нас: ако муслиманите гледаа на христијаните како на луѓе рамни на нив, тогаш нема сомнение оти не само ќе беа најарни односите меѓу христијаните и муслиманите, ами може и да немаше востание.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
(ЗАВЕСА) ЧИН ЧЕТВРТИ слика прва (Внатрешен дел на фурна. Средниот план го претставува задниот дел на фурната со рамен свод.
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Со мотика на рамо за корка сува леб, по патиштата стрмни, по полињата рамни, у вивналиов ден - да тргнеме и ние страдалници од век!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Затоа таквата логика никојпат не можеше да го замисли „самодвижењето“, туку простото механичко движење на идентични, себеси рамни ствари и категории, под влијание на надворешна „сила“ или божество.
„Значењето на Хегеловата филозофија“ од Кочо Рацин (1939)
По долги, меки ширини рамни магла се танка крева и по селата мали - заспали шумоли скришно врева.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Ех, тија долги ширини рамни! Ех, таја мака пуста!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
До Хегел развитокот се сфаќаше само како просто квалитативно или квантитативно растење или смалување, движењето како просторно преместуваше под влијание на надворешна „сила“, човечкиот ум како механичка копија и како механичко дејство или на „материјата“ или на идеите, “a priori” секоја ствар, секоја категорија само тоа што е, само рамна себеси и ништо повеќе.
„Значењето на Хегеловата филозофија“ од Кочо Рацин (1939)
Според Хегел, една категорија, една идеја, еден поим никогаш не е само тоа што е, никојпат не е само рамна на себеси.
„Значењето на Хегеловата филозофија“ од Кочо Рацин (1939)
Славна Дебарца кој не помина тој не ја виде Славеј Планина, горе во небо каде се крева, с рамни рудиње полни со трева...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
Борците наши долу слагаа, долу в полето - рамна рамнина, и за слобода борба водеа, славна Дебарца, Славеј Планина...
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
На сивото лице, мазно и рамно како порцеланска чинија, победнички се прчеше голем, розов нос.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од рамните студени ѕидишта гледаа со строга зачуденост недовршени светци.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од под зафрлената сива капа му ѕиракаше белузлава коса, остра и рамна, маслинасто-зеленикавите очи немирно му играа под свилестите клепки.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Илко се сета дека дедот Карабуклија му рече на дедот Петка, оти тоа џереме не знае друго да работа, ама за готвење (да има мавца, мевце, шеќерец и јајца), рамна во Мариово не ќе ѝ биде ни една домаќинка.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Децата кај деда Гера го најдоа и деда Ангелета, човек врсник на Гера и на Бошка Манев, кој до Хуриетот исто така бил комита и шегобиец речиси рамен на својот војвода.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Неговата снага беше рамна и висока колку за двајца обични луѓе.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Вечно полупразни перони во долго очекување на една трошка радост и сива карпа од страв пред пристигањето на едно умирање Рамни мермерни подови што го мазнат лавиринтот од изгубените стапалки пред едно вечно чекање што сака никогаш да не дојдат возовите со мала кратка радост штом можат да донесат едно крајно умирање
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Ја покри долната усна со беспрекорно рамните заби и не почувствува болка.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе